Сезоната на филмски награди ќе кулминира утревечер во Лос Анџелес, кога ќе се одржи 92. доделување на Оскари. „Џокер“ води со 11 номинации, пред „Беше еднаш во Холивуд“ и „Ирецот“ со 10, но и Македонија ќе има добра причина да остане будна в понеделник во рано утро откако „Медена земја“ на Тамара Котевска и Љубомир Стефанов доби историски две номинации.

  • АТИЏЕ, МЕДЕНАТА ШАМАНКА
  • „Медена земја“ е првиот документарец кој истовремено е номиниран и за најдобар странски филм.

  • „Паразит“ е првиот филм од Јужна Кореја на Оскарите и притоа е номиниран и за најдобар филм и за најдобар странски филм (ги има вкупно шест). Многумина го сметаат за фаворит во двете категории, со што би испишал историја на Оскарите.
  • Првпат во историјата, еден стриминг сервис има најмногу номинации. „Нетфликс“ ги доби 24, од кои две за најдобар филм и една за најдобар анимиран филм. Следуваат „Дизни/Фокс“ со 23 и „Сони“ со 20.
  • Скарлет Јохансон е само 12. актер(ка) со две актерски номинации во една година: за „Брачна приказна“ (главна улога) и „Зајакот Џоџо“ (споредна улога). Оваа листа, меѓу другите, ги вклучува и Сигурни Вивер, Џејми Фокс, Кејт Бланшет, Ал Пачино и Ема Томпсон.

  • И Синтија Ериво (33) има две номинации, за најдобра женска улога и за најдобра песна и доколку слави во барем една категорија, ќе стане најмладиот освојувач на ЕГОТ во историјата (Еми, Греми, Оскар и Тони).
  • Речиси една третина од номинираните се жени, што е највисок процент досега.
  • Композиторот Џон Вилијамс ќе се бори за шестиот оскар во 52 номинации.
  • Сопружниците Грета Гервиг и Ноа Баумбах се номинирани за најдобро сценарио, но не за ист филм. Сепак, нема да си бидат конкуренти, зашто „Мали жени“ и „Брачна приказна“ не се ставени во иста категорија (адаптирано наспроти оригинално сценарио).

  • Мартин Скорсезе по деветти пат е номиниран за најдобар режисер, што е рекорд меѓу живите филмаџии.
  • Со времетраење од три и пол часа, „Ирецот“ е вториот најдолг филм номиниран за најдобар филм. Подолг е само „Однесено од виорот“ (238 минути).
  • Еј-Би-Си ќе заработи 149 милиони долари од рекламите што ќе се емитуваат во преносот, што ќе оди во 225 држави и територии.

  • Црвениот килим на Оскарите е најпопуларниот на светот. За да се постави, потребни се 18 работници и 900 часови работа, а чини 24.700 долари.
  • За да покаже еколошка освестеност, менито на Оскарите речиси во целост ќе биде на растителна основа и нема да има пластични шишиња.