Деветтиот состав на Собранието денеска се распушти, отворајќи пат за одржување на парламентарните избори, кои се закажани за 12 април.
Ова уследи по неколкуте исклучително бурни денови во Собранието, кога, меѓу другото, беше разрешена министерката за труд и социјална политика Рашела Мизрахи и беа донесени неколку закони, вклучувајќи ги и оние за одбрана и за јавно обвинителство, за кои беше потребно двотретинско мнозинство.
- Овој состав на Собранието беше конституиран по изборите на 11 декември 2016 година и го обележаа неколку драматични и историски моменти.
- На 27 април 2017, по изборот на Талат Џафери за негов претседател, се случи организираниот напад на Собранието, во кој по упадот на толпата беа повредени Зоран Заев и Зијадин Села.
- Името на државата беше променето во Република Северна Македонија, откако пратениците го изгласаа пакетот уставни промени предвидени со Преспанскиот договор, со кој беше ставен крај на неколкудеценискиот спор со Грција.
- Овој собраниски состав го усвои и Законот за ратификација на Протоколот за членство на Северна Македонија во НАТО, во пресрет на официјалниот прием на земјата како 30. членка.