„Квин“, сега предводен од американскиот пејач Адам Ламберт, го повтори својот легендарен сет од фестивалот „Лајв еид“ од 1985 година, откако настапи на големиот хуманитарен концерт во Сиднеј.
Дваесет и двеминутниот настап на „Квин“ беше дел од 10-часовниот музички настан кој имаше за цел да собере 10 милиони австралиски долари за заедниците погодени од неколкумесечните пожари во Австралија. Во пожарите загинаа 33 луѓе и изгореа илјадници домови, а огромни штети претрпи и животинскиот свет. Пожарите зафатија површина од 11 милиони хектари, што е рамно на големината на Англија.
Покрај „Квин“, дел од концертот беа и Алис Купер и Оливија Њутн-Џон, која боледува од рак, како и бројни домашни ѕвезди.
Оригиналните членови на „Квин“ Брајан Меј и Роџер Тејлор го одржуваат бендот во живот настапувајќи со Адам Ламберт, кој се прослави во шоуто „Американски идол“.
„Беше вистинска чест да се изведе целиот сет од ‘Лајв еид‘“, кажа Ламберт.
Овој концерт се одржа на стадионот „Вембли“ во 1985 година, кога големите рок ѕвезди се здружија за помош на гладните во Африка. Тој настап на „Квин“ важи за еден од најдобрите на сите времиња.