Секојдневното умерено пиење кафе е безбедно, а ако се пијат три-четири шолји на ден, тоа може да има и позитивно влијание врз здравјето.
До ваков заклучок дојде истражувањето спроведено од универзитетот во Саутемптон, кое го испитуваше влијанието на кафето врз сите аспекти на човековото тело, па така тие што пиеле кафе поредовно и почесто се изложени на помал ризик од болестите на црниот дроб, некои видови рак и од мозочен удар.
Сепак, нема докази дека токму кафето е заслужно за тоа. Експертите затоа предупредуваат дека никој не треба да почне да пие кафе од здравствени причини.
„Возраста, пушењето и колку луѓето се физички активни се, исто така, важни фактори, кои мора да се имаат предвид кога зборуваме на оваа тема. Во животот постои баланс на ризици и умереното пиење кафе може да ги надмине овие негативни ефекти“, вели Пол Родерик, коавтор на истражувањето.
Истражувањето препорачува бремените жени да не консумираат повеќе од 200 милиграми кофеин дневно.
За возрасни, мерката за умереност е еднаква на 400 или помалку милиграми кофеин на ден, што е три до четири кафиња. Но, бидете внимателни, бидејќи кофеинот не се содржи само во кафето.
Во една шолја филтер кафе има приближно 140 мг кофеин, но, истовремено, една шолја чај содржи 75 мг кофеин, во лименка кока кола има 40, а со чаша енергетски пијалок внесуваме до 80 милиграми кoфеин во нашиот организам.
Истражувачите ги советуваат оние кои често пијат кафе да намалат со шеќерот, млекото и кремот во кафето или, пак, со мрсни придружни грицки.