Улиците на Рио де Жанеиро повторно експлодираа во бои, светки и екстраваганција откако почна најголемата журка на светот – традиционалниот карневал.
Меѓу учесниците, најголемо внимание привлекуваат танчарките од најпознатите училишта за самба од Бразил, кои пет дена, до среда, ќе парадираат на легендарниот Самбадром пред 70.000 гледачи.
Карневалот во Рио има традиција од 17. век, а од 19. век почнал да се одржува под силно влијание на италијанските карневали и африканската култура. Самбата била воведена во програмата во 1917 година.
Колку и да се прославени низ светот, училиштата за самба оваа година за првпат нема да добијат пари од градот. Политичкиот коментар на карневалот е неизбежен во услови кога претседателот Жаир Болсонаро и градоначалникот на Рио Марсело Кривелја, и двајцата десничари, постојано се борат против она за што тој најмногу се залага: различности, уметност и животна средина.