АРМАНИ ЌЕ ОДРЖИ РЕВИЈА ВО МИЛАНО БЕЗ ПУБЛИКА ПОРАДИ ШИРЕЊЕТО НА КОРОНАВИРУСОТ

Милано, (АП)

На неколку часа пред почетокот, италијанскиот дизајнер Џорџо Армани објави дека неговата ревија на Модната недела во Милано ќе се одржи без присуство на публика, откако порасна бројката на заразени од коронавирусот во Италија.

Креаторот одлучи да ја пренесува ревијата со стриминг.

Модната куќа „Армани“ соопшти дека ваквата одлука била донесена со цел да се заштитат сите поканети гости, како дел од препораките на Владата за спречување на ширењето на вирусот.

Дванаесет градови во северна Италија се ставени во карантин откако две лица починаа од новиот вирус кој се прошири од Кина. Милано е главен град на регионот Ломбардија, каде што досега се потврдени 54 случаи на заразени.

Останатите модни куќи сѐ уште не објавија дали ќе ги променат плановите за ревиите.