Светот го обожава канадскиот премиер Џастин Трудо, што се должи и на неговиот стил на облекување, на кој ретко кој современ политичар може да му парира.
Министерот за надворешни работи Никола Димитров се обиде во тоа, па на заедничката седница на владите на Македонија и на Бугарија, што денеска се одржа во Струмица, носеше шарени чорапи во стилот на Трудо. Димитров носеше сино-зелени дезенирани чорапи, со класичниот „бурлингтон“ дизајн со шари во форма на дијамант или како што кај нас се вика – баклави. Овој дизајн е инспириран од класичниот шкотски тартан.
Тој моден детал особено привлече внимание кај бугарските новинарски екипи кои го коментираа стилот на министерот.
Чорапите неретко се силен адут на имиџот на Трудо и со нив предизвикува внимание каде и да се појави. На неодамнешниот Глобален бизнис форум во Њујорк, тој се појави со чорапи со мотиви од „Војна на ѕвездите“ и вестите на интернет беа преполни со слики од тој настан.