ЕЛЕМ ЌЕ ГО КОРИСТИ ИЗУМОТ ЗА МЕРЕЊЕ СОНЧЕВА ЕНЕРГИЈА НА СТУДЕНТИТЕ КОИ ЌЕ ОДАТ ВО НАСА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Изумот за мерење на сончева енергија на студентите Александар Момироски, Дамјан Постоловски, Јаков Докузов и Павел Ѓорговски кој ќе го презентираат во НАСА во САД, ќе го употребува државната компанија ЕЛЕМ.

Четирите момци кои сега се студенти во прва година на ФИНКИ и на Машинскиот факултет во Скопје, измислија сензор за соларна енергија, односно производ кој дава податоци колку сончева енергија има на одредено место. Преку андроид апликација се собираат информации колку сончеви часа има секој ден, како и колку енергија даваат.

Александар, Дамјан, Јаков и Павел на амбасадорт на САД во земјава Џес Бејли му го претставија прототип производот-сензор за соларна енергија со кој ќе се претстават во НАСА (Фото: од твитер профилот на американскиот амбасадор)

Во рамките на проектот на ЕЛЕМ за изградба на 10-мегаватна фотоволтаична електрана, што е предвидено да произведува електрична енергија од сонце, изумот на четворицата студенти ќе се користи за да се утврди прецизно која локација ќе биде најпогодна за поставување на фотоволтаиците. Директорот на ЕЛЕМ Драган Миновски најави дека покрај за електраната, овој прототип може да се искористи и во рамките на проектот на Владата ,,Македонско сонце за македонска енергија“ за субвенционирање домаќинства за фотонапонски електрани.

„Ние со одлука на Управниот одбор на АД ЕЛЕМ ќе ги поддржиме младите изумители, со одредена финансиска сума што ќе биде спонзорство од компанијата, а ќе биде една првична сатисфакција за нив, за да можат да работат понатаму на подобрување и на усовршување на својот изум во периодот додека тој се користи од наша страна. Ќе се следи неговата ефикасност, ќе бидат вклучени во теренските активности, исто така, ќе ја следат неговата соодветна примена, а тоа ќе се одвива паралелно со нивните студии, затоа што сите тие се на почеток на своето високо образование“, најави директорот на АД ЕЛЕМ Драган Миновски.

Александар, Дамјан, Јаков и Павел пролетва победија на светскиот хакатон натпревар во Македонија, на aмериканската вселенска огранизација НАСА и добија посебна покана да го презентираат својот производ во НАСА во декември.

 

А. АНТЕВСКА