„Нетфликс“ продолжува со снимањето на последната, шеста сезона на хит-серијата „Куќа од карти“, откако направи пауза поради секс-скандалот со нејзината главна ѕвезда Кевин Спејси.
Компанијата ги раскина сите врски со двократниот оскаровец, против кого Скотланд Јард покрена истрага, откако 20 луѓе го обвинија за сексуално вознемирување, во времето кога тој беше уметнички директор на театарот „Олд вик“ во Лондон.
Се очекува со продукцијата да се продолжи на 8 декември, но сѐ уште не е познато како од серијата ќе се исклучи ликот на Френк Андервуд. Скандалот со Кевин Спејси изби откако веќе беа снимени првите две епизоди и, најверојатно, тој ќе умре без тоа да биде прикажано во серијата.
„Изминативе два месеца сите ние бевме тестирани на начин каков што никој не можеше да предвиди. Она што го сфативме е дека оваа продукција е поголема од кој било поединец. Се надеваме дека целиот тим ќе биде во можност да се врати во нормала кога ќе се продолжи со работа“, кажа Полина Мајсели, потпретседателката на студиото „Медија рајтс капитал“.