ПЛАТФОРМАТА ЗУМ ЗА ЧЕТИРИ МЕСЕЦИ СТИГНА ОД 10 ДО 300 МИЛИОНИ КОРИСНИЦИ

Њујорк, (Мешабл)

Платформата за видеоконференции Зум стигна до бројката од 300 милиони дневни корисници, што ја прави еден од најголемите добитници во пандемијата на коронавирусот.

На крајот на минатиот месец, извршниот директор на „Зум“ Ерик Јуан објави дека имаат 200 милиони активни дневни корисници, што значи дека за само три недели бројката пораснала за уште 100 милиони. Овие бројки стануваат уште поимпресивни ако се има предвид дека Зум ја завршил 2019 година со само десет милиони дневни корисници.

Повеќе од 300 милиони луѓе низ цел свет ја користат нашата платформа во ова предизвикувачко време. Ви благодариме“, објави Јуан.

Зум не е нова платформа. Таа беше лансирана уште во 2011 година, но нејзината популарност драстично порасна во изминатите месеци, откако државите се ставија во карантин поради коронавирусот и голем број бизниси се префрлија на интернет. Нејзиниот подем продолжи, иако се откри дека има големи безбедносни слабости и е лесна цел на хакери и упади.