Култниот албум на „Пинк Флојд“, „Темната страна на Месечината“, се врати на американската топ листа и иако се најде на скромното 193. место, ова, сепак, е импресивен податок.
Тоа е негова 950. недела на листата Билборд 200, што досега не му успеало на ниеден друг албум. Поточно, ниеден друг албум не е ниту блиску до оваа бројка, бидејќи вториот најдолговечен албум на Билборд 200 е компилацијата со најголемите хитови на Боб Марли „Легенда“, која има собрано 625 недели.
„Темната страна на Месечината“ е објавен во 1973 година и во меѓувреме стана еден од најуспешните албуми на сите времиња. Само во САД се продал во повеќе од 15 милиони копии и бил на првото место низ цел свет.