БРАЌАТА КОЕН ПИШУВААТ СЦЕНАРИО ЗА НОВАТА ВЕРЗИЈА НА „ЛИЦЕ СО ЛУЗНА“

Лос Анџелес, (АФП)

Браќата Џоел и Итан Коен го пишуваат сценариото за новата верзија на култниот филм „Лице со лузна“, кој ќе се снима во Лос Анџелес во продукција на „Јуниверзал“.

Лука Гвадањино, кој имаше номинација за Оскар за „Викај ме по твоето име“, ќе биде режисер на ова трето филмско поставување на „Лице со лузна“. Оригиналот во режија на Хауард Хокс датира од 1932 година и е базиран на роман инспириран од животот на Ал Капоне, озлогласениот мафијашки бос во Чикаго. Приказната во 1983 година се пресели во Мајами, при што во филмот на Брајан де Палма, според сценариото на Оливер Стоун, Ал Пачино го играше кубанскиот бегалец Тони Монтана.

Новиот филм ќе даде нова слика за „емигрантската приказна“ која ја има во двата претходни филма. Засега не е познат кастингот, ниту, пак, кога би почнало снимањето.