ИГРАТА „СОЛИТЕР“ НАПОЛНИ 30 ГОДИНИ, А СЀ УШТЕ СЕ ИГРААТ 100 МИЛИОНИ ПАРТИИ НА ДЕН

Њујорк, (Верџ)

Веројатно ниедна видеоигра не е одговорна за повеќе изгубена продуктивност од „Солитер“.

Играта на „Мајкрософт“ деновиве го прослави својот 30. роденден и компанијата објави дека 35 милиони луѓе сѐ уште ја играат месечно, а дневно се играат околу 100 милиони партии.

Осмислена од Вес Чери, кој тогаш бил вработен во „Мајкрософт“, „Солитер“ оригинално била вклучена во „Виндоус 3.0“ од 1990 година. Нејзината изворна намена била луѓето да научат како да користат маус. Во меѓувреме стана една од најпопуларните игри на светот и е дел од сите верзии на „Виндоус“ кои излегле во последните 20-ина години, со исклучок на „осумката“ од 2012. Тоа значи дека била вклучена во повеќе од милијарда компјутери.

Минатата година, „Солитер“ беше примена во Халата на славните за видеоигри, а денес е присутна на повеќе од 200 пазари и прилагодена на 65 јазици.