Студиото на угледниот италијански архитект Стефано Боери дизајнираше нова населба во Тирана, која треба да одговори на потребите на животот после коронавирусот. Риверсајд ќе биде комплекс за 12.000 жители, сместен во близина на реката Тирана.
„Ова е прва населба во Европа дизајнирана така да одговори на новите потреби на животот после пандемијата на КОВИД-19, како и на барањата за одржливост што произлегуваат од сегашната климатска криза“, соопшти студиото „Стефано Боери аркитети“.
Населбата е замислена како „маалски град“ што може да се помине пешки и ќе содржи смарт технологии и продолжени градини на покривите, што треба да помогне во спречувањето на ширењето на коронавирусот.
„Мора да мислиме на нова ера, поеколошки, без фосилни горива, далеку од нормалноста што ја знаевме пред коронавирусот. Во населбата доминираат отворени зелени простори достапни за сите, при што се намалува потребата од користење лични моторни возила“, велат архитектите Стефано Боери и Франческа Чеза Бјанки.
Жителите на Риверсајд ќе имаат пристап до „суштинските услуги“ во рамките на дистанца што може да се помине пешки. Освен домови, таа ќе содржи и училиште, универзитетски центар и продолжени паркови, а зеленилото ќе биде вклучено и во фасадите, покривите и пешачките мостови.
„Поврзаните зелени покриви во иднина ќе бидат она што денес се дворовите: места за дружење, но не на јавен живот, отворени, но не изложени“, велат Боери и Бјанки.