И ШПАНИЈА ПРОДОЛЖУВА СО ФУДБАЛОТ – ЌЕ СЕ ИГРА ПРЕД ПРАЗНИ ТРИБИНИ, НО СО ЛАЖНА БУЧАВА ЗА ТВ-ГЛЕДАЧИТЕ

Мадрид, (Марка)

По германската Бундеслига, шпанската Ла Лига е второто големо фудбалско првенство кое вечерва ќе продолжи да се игра среде пандемијата на коронавирусот. Први на терен ќе излезат играчите на Севилја и Бетис (22 часот), кои ќе продолжат таму каде што се застана на 12 март, кога фудбалот во Шпанија беше суспендиран.

Сезоната ќе се доврши пред празни трибини и со забрзано темпо, бидејќи за 39 дена треба да се одиграат дури 110 натпревари. За оние кои ќе гледаат дома, трибините ќе изгледаат полни, бидејќи на седиштата ќе има виртуелни лица и ќе се слуша лажна бучава, преземена од видеоиграта на ФИФА, која ќе се прилагодува на случувањата на теренот.

На теренот, пак, ќе мора да се почитува цел сет на правила и мерки.

Играчите нема да се ракуваат со судиите и меѓусебе, а резервите ќе мора да носат маска и ракавици и ќе седат на трибините. Топките ќе се дезинфицираат пред почетокот на мечот и при секое исфрлување од теренот, а секој фудбалер ќе пие вода од свое шише. Играчите ќе разговараат со судиите од најмалку два метра растојание и ќе треба да избегнуваат физички контакт при прославите на головите. Времето поминато во соблекувалната ќе биде сведено на минимум.