Велес доби мурал на Крале Марко, кој е насликан во подножјето на Градскиот саат, близу Стариот мост. Осум дена го цртаа тројца цртачи од Стрип центарот на Македонија во Велес, Ване Трајков, Анита Гочева и Горан Мазнев.

„Ова ни е прва од многуте активности годинава. Со овој стрип мурал одиме поназад во историјата од сите досегашни. Се надевам дека доловивме моменти од неговиот живот и од времето кога живеел“, рече Трајков.

Покрај Крале Марко, нацртани се неговата мајка и копјаник, кои го испраќаат во поход. Цртежот зафаќа површина од 33 квадратни метри.

„Крале Марко е цртан по наше видување, малку лут и гневен на приликите во кои што живеел. Животот не му бил розев, бил намуртен, па затоа и го нацртавме таков“, додава Трајков.

Муралот е дело на стрип цртачите Ване Трајков, Анита Гочева и Горан Мазнев (Фото: СМАРТ СДК.МК)

Во близина на Крале Марко претходно беа насликани и мотивот од вестерн филмот „Точно на пладне“ со Гари Купер и Ленка на Рацин.

„Кога лани го цртавме моментот од ‘Точно на пладне‘, минувачите бараа да нацртаме нешто наше, македонско. Кога сега цртавме, ни бараа да цртаме нешто од НОБ. Да избираме на конкурс, не знам дали ќе најдеме лик кој нема да предизвика реакции“, вели Трајков.

Проектот е финансиран од Министерството за култура. Ова е шести стрип мурал кој Стрип центарот на Македонија го нацрта на ѕидовите низ Велес.

П. ПЕЧКОВ