ПЕТ КОНЦЕРТИ НА 27. ИЗДАНИЕ НА ЕСЕНСКИ МУЗИЧКИ СВЕЧЕНОСТИ ВО СКОПЈЕ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Со пет концертни вечери, од 11 до 26 ноември во Скопје ќе се одржи 27. издание на фестивалот Есенски музички свечености, во организација на Дирекцијата за култура и уметност на Скопје.

Фестивалот ќе се отвори во концертната сала на Факултетот за музичка уметност (ФМУ) со концерт на студентите посветен на 60-годишнината од основањето на ФМУ.

На 16 ноември во Салонот 19:19 во Културно-информативниот центар (КИЦ) ќе настапи триото „Саундскејп“ од Србија, во состав Андрија Минчиќ (кларинет), Тадија Минчиќ (фагот) и Никола Цветковиќ (пијано), кој ќе го изведе концертот „Меѓу насмевките и солзите“.

На 23 ноември во ФМУ ќе се одржи уште еден концерт на студентите, а на 25 ноември во КИЦ ќе настапат пијанистот Зоран Станишиќ и виолинистот Стефан Котевски, со гостите Јосипа Василевска на флејта и Злате Огњановски на фагот.

Фестивалот ќе заврши на 26 ноември со солистички концерт на виолинистката Хатиџе Салиева, која ќе го изведе делото „Четирите годишни времиња“ од Антонио Вивалди.

Сите концерти почнуваат во 20 часот.