Диего, големата галапагоска желка која речиси сама го спаси својот некогаш загрозен вид, конечно е вратен на својот матичен остров по неколку децении размножување во заробеништво, објави министерот за животна средина на Еквадор.
Тој беше префрлен од Санта Крус, каде што учествуваше во програмата за размножување, на далечниот и ненаселен остров Еспањола.
„Затвораме едно многу важно поглавје. Дваесет и пет желки, вклучувајќи го и Диего, се враќаат дома по децении размножување во заробеништво, при што го спасија својот вид од исчезнување“, кажа министерот Пауло Проано.
Сто години стариот Диего тежи 80 килограми и може да се издолжи до 1,5 метри. Неговиот придонес кон програмата на Санта Крус е особено значаен и вработените во националниот парк веруваат дека тој е татко на барем 40% од тамошната популација желки, која сега брои 2.000 единки.
Пред 50 години, на Еспањола имало само две машки и 12 женски единки од видот на кој му припаѓа Диего. Тој бил купен од зоолошката градина во Сан Диего, Калифорнија, каде што бил донесен од Галапагос во првата половина на 20. век.