ПИЈАНИ ЛУЃЕ НЕ МОЖАТ ДА ДРЖАТ ДИСТАНЦА – АНГЛИЧАНИТЕ МАСОВНО ГО ПРОСЛАВИЈА ОТВОРАЊЕТО НА ПАБОВИТЕ

Лондон, (Дејли мејл)

Англичаните им се вратија на старите навики откако земјата вчера ги отвори пабовите, баровите и рестораните, правејќи го клучниот чекор кон враќањето во нормален живот по повеќе од три месеци затвореност поради коронавирусот.

(Фото: Гети)

Таканаречената „суперсабота“ се славеше со многу алкохол до раните утрински часови, при што беше невозможно да се почитува владината препорака да се држи дистанца од барем еден метар.

Претседателот на Полициската федерација Џон Аптер кажа дека цело време се справувале со „голи луѓе, весели и бесни пијани луѓе, тепачки и со уште бесни пијани луѓе“.

(Фото: НБ прес)

„Кристално јасно е дека пијаните луѓе не можат и не сакаат да држат дистанца. Имавме прометна ноќ, но успеавме да се справиме. Имаше случаи и на напади врз полицајци“, изјави Аптер.

И покрај загрижувачките гужви во некои делови на Лондон, министерот за здравство Мет Хенкок утрово го прогласи олеснувањето на коронамерките за успешно. Тој кажа дека мнозинството луѓе се однесувале одговорно.

Се проценува дека вчера низ Англија биле испиени осум и пол милиони литри пиво.

(Фото: Ројтерс)