Германската национална железница објави дека нарачала 30 нови брзи возови од компанијата „Сименс“, во зделка вредна околу една милијарда евра.
„Дојче бан“ кажа дека новите возови ќе бидат пуштени во сообраќај во 2022 година, првично меѓу густо населениот регион Северна Рајна-Вестфалија и Минхен. Тоа значи дека нејзината флота возови кои возат на долги релации ќе се зголеми за 20% во наредните години. Во опција е купувањето на уште 60 брзи возови.
„Иако моментално бројот на патници е намален, ние остануваме на курсот на развојот и инвестирањето, зашто, долгорочно гледано, железницата е пријател на животната средина“, изјави извршниот директор на „Дојче бан“, Рихард Луц.
„Дојче бан“ во почетокот на годината ја намали цената на картите за долги патувања.