Германецот Фин Ватчов (24) од Фрајбург, град во југозападна Германија, пред четири години случајно ја открил Македонија, барајќи евтин авионски билет за одмор. Денес живее во Скопје, зборува македонски, патува низ земјата и на социјалните мрежи споделува видеа за македонските култура и традиции и за секојдневниот живот. Вели дека не планира да се врати во Германија и дека сака тука да има семејство.

„Студирав во Хамбург и сакав да отпатувам некаде на одмор. На ‘Скајскенер’ барав евтини летови и најдов билет за Скопје, мислам дека чинеше околу 100 евра. Видов фотографии од градот и решив да дојдам. Многу ми се допадна и уживав во престојот“, ни рече Ватчов.
По првиот одмор се вратил во Германија, но по три-четири месеци повторно дошол во Скопје, овојпат на четири дена. Набргу решил дека сака да остане. Вели дека следувала долга процедура за регулирање на престојот, поради која патувал во Софија, Приштина и во македонската амбасада во Германија.
„Македонија за мене е чувство, начин на живот. Да седнеш на кафе еден час, да јадеш, да се дружиш со луѓето. Во Германија е поинаку, навечер сѐ е затворено, луѓето повеќе седат дома. Тука ми се допаѓаат таа опуштеност и дружењето“, вели тој.
Ватчов денес живее во скопската населба Мичурин и работи онлајн како маркетинг-менаџер за инфлуенсери од целиот свет, за компанија со американско потекло, која сега е регистрирана и во Кипар. Ја пропатувал речиси целата земја, а најмногу го воодушевува тоа што секој град има свои особености.
„Берово е сосема поинаков свет од Дебар, Струга или Охрид. Битола е различна од Ресен. Се менуваат природата, дијалектите, обичаите, народните носии. Во секој град има нешто ново што можеш да го истражуваш. Тоа ми е најубаво во Македонија“, вели Ватчов.
Сепак, не му се допаѓаат сите навики на Македонците. Најмногу му пречат ѓубрето на улиците и во Вардар, непрописното паркирање и однесувањето во сообраќајот.
„Многу ме нервира ѓубрето. Често патувам низ Македонија и гледам луѓе како фрлаат отпад од автомобилите. Понекогаш им свирам за да реагирам, но ништо не се менува. Најчудно ми е што луѓето како да не се грижат за тоа“, вели Ватчов.

Му пречи и брзањето во сообраќајот, особено кога, како што вели, луѓето брзаат да седнат на кафе.
„Не разбирам зошто луѓето во Скопје толку брзаат, кога на крајот брзаат да стигнат на кафе. Зошто брзаш за да пиеш кафе? Не ми е логично“, вели тој.
Неговото семејство на почетокот не било среќно поради одлуката да се пресели во Македонија, но со текот на времето го прифатило неговиот избор.
„На почетокот, моите родители не беа среќни, беа лути што решив да останам во Македонија. Но, сега ме поддржуваат. Мајка ми многу често доаѓа тука“, раскажува Фин.
Со татко му, кој е лекар во Германија, е поврзана и една интересна случка.
„Татко ми имал пациенти Македонци и им кажал дека син му живее во Скопје. Тие им кажале на други Македонци и сега постојано му доаѓаат Македонци во ординацијата. Си прават муабет за Македонија“, вели Фин Ватчов.
Тој никогаш не се покајал што ја напуштил Германија и иднината ја гледа во Македонија.
„Целта ми е да живеам тука, да имам свое станче или куќа и еден ден да имам деца, македонско-германски“, вели Ватчов.
Иако Македонија веќе ја смета за свој дом, од Германија му недостигаат некои мали, секојдневни работи. Со насмевка вели дека најмногу му недостигаат германските колбаси, а потоа додава дека му недостига и мајка му, која често доаѓа да го посети во Скопје.
М. ЏАРОВСКА