Неовајс, најсветлата комета во последните седум години, ноќеска го имаше најблиското поминување покрај Земјата, на безопасна дистанца од 103 милиони километри, по што полека ќе исчезнува од видикот на планетата, како што нејзината орбита ќе ја носи подалеку во Сончевиот систем. Ќе поминат речиси 6.800 години пред повторно да се најде на овој пат.
Официјално именувана Ц/2020 Ф3, таа е третата комета откриена оваа година и првпат била снимена од рускиот космонаут Иван Вагнер на 27 март, кој ја видел од Меѓународната вселенска станица.
Сонцето е одговорно за тоа што кометата беше толку сјајна, што овозможуваше некое време да биде видлива со голо око од Земјата. Цврстата ледена карпеста површина на кометата се загреваше толку многу што се претвори во гасови, кои ги осветлуваа остатоците што отпаѓаа од неа, формирајќи опашка.
Според НАСА, кометата е долга пет километри и била формирана во времето на раѓањето на Сончевиот систем пред 4,6 милијарди години.