ВО ФРАНЦИЈА ПОЧНА ДА СЕ СОСТАВУВА НАЈГОЛЕМИОТ ПРОЕКТ ЗА НУКЛЕАРНА ФУЗИЈА НА СВЕТОТ

Париз, (Гардијан)

Најголемиот проект за нуклеарна фузија на светот ја почна својата петгодишна фаза на составување и кога ќе биде готов во 2025, погонот ќе биде во можност да генерира ултражешка плазма.

Проектот ИТЕР вреден 20 милијарди евра се гради во Сен-Пол-ле-Дуранс во јужна Франција и заговорниците на нуклеарната фузија велат дека таа може да биде извор на чиста, неограничена енергија, што треба да биде одговор на климатската криза. ИТЕР е соработка на Кина, Европска Унија, Индија, Јапонија, Јужна Кореја, Русија и САД, кои ги делат трошоците на изградбата.

Милиони делови ќе бидат употребени во составувањето на огромниот реактор, кој ќе тежи 23.000 тони и важи за најсложен инженерски потфат во историјата. Речиси 3.000 тони суперпроводливи магнети, некои потешки од џамбо џет, ќе бидат поврзани со 200 километри суперпроводливи кабли, сето тоа чувано на температура од -269 Целзиусови степени.

Сегашната нуклеарна енергија се потпира на фисија, при што тежок хемиски елемент се дели за да се произведат полесни. Фузијата, пак, комбинира два лесни елемента за да се добие еден потежок, при што се ослободува големо количество енергија со многу малку радиоактивност.