РУСКАТА ПИЈАНИСТКА ТРУЛ ВЕЧЕРВА ИМА КОНЦЕРТ НА ОХРИДСКО ЛЕТО

Охрид, (СМАРТ.СДК.МК)

Руската пијанистка Наталија Трул вечерва во 21 часот ќе одржи концерт на Охридско лето, во црквата „Св.Софија“ во 21 часот. На репертоарот се дела од Бетовен, Шопен и Дебиси. Во нејзината биографија стои дека почнала да учи пијано во родниот Санкт Петербург, за подоцна да се пресели во Москва, каде дипломирала на Московскиот конзерваториум.

Нејзината интернационална кариера започнува со победата на Меѓународниот натпревар во Белград во 1983, но најголемиот успех доаѓа во 1986 кога го освојува сребрениот медал на натпреварот „Чајковски“. Во 1993 ја добива Гран-при наградата на натпреварот во Монте Карло на кој можат да учествуваат само победници на меѓународни натпревари.

Трул настапува со значајни оркестри од целиот свет: Лондонскиот симфониски оркестар, Филхармонијата на Лос Анџелес, Јапонскиот Филхармониски оркестар, Оркестрите во Монте Карло, Дизелдорф како и со сите големи руски оркестри под диригентство на светски познати и реномирани диригенти. Нејзиниот репертоар вклучува повеќе од 50 концерти за пијано и оркестар, но секако приматот го има Концертот број 1 од П. И. Чајковски што го има изведено повеќе од 100 пати во престижни концертни сали низ светот.

Како педагог, Наталија Трул често одржува мајсторски курсеви во САД, Јапонија, Италија, Германија и во Јужна Америка. Редовен професор е на Конзерваториумот „Чајковски“ во Москва и често е член на жири на меѓународни натпревари за пијано. Има снимено неколку цедиња од кои едното ги содржи сите сонати за пијано на С. Прокофјев, а другите се со музика за соло пијано од Чајковски, Шопен и Шубер.