КОНЦЕРТ НА ГРЧКИ МУЗИЧАРИ И ДРАМСКИ ТЕАТАР СО „ЧУДЕСНА ТЕРАПИЈА“ ДЕНЕС НА ОХРИДСКО ЛЕТО

Охрид, (СМАРТ.СДК.МК)

Концерт со грчки музичари на виолончело и пијано – Христос Гримпас и Џорџ Емануел Лазаридис и театарската претстава „Чудесна терапија“ во продукција на на Драмскиот театар од Скопје се денеска на програмата на Охридско лето.

И двата настана ќе се одржат во Предворјето на „Св. Софија“, концертот од 17 часот, а претставата од 21 часот. На програмата на концертот на грчките уметници Гримпас и Лазаридис се дела од Рахмањинов и Мусоргски.

Театарската поставка „Чудесна терапија“ на режисерот Димче Николовски говори за интимна врска меѓу двајца чија големина се мери преку одговорот на прашањето: Дали успева да постои и надвор од љубовта? „Претставата се занимава со потребата од чиста и искрена комуникација како предуслов за среќна врска“, вели Фестивалот. Играат: Соња Стамболџиоска, Маја Вељковиќ-Пановска и Предраг Павловски. „Чудесна терапија“ не се препорачува за деца помлади од 12 години.