ПРОЅИРНИ ЈАВНИ ТОАЛЕТИ ПОСТАВЕНИ ВО ПАРКОВИТЕ ВО ТОКИО

Токио, (Гардијан)

Токио ги украси своите паркови со разнобојни јавни тоалети кои се целосно проѕирни. Дизајнирани од архитектот и добитник на Прицкерова награда Шигеру Бан и од десетина други водечки дизајнери, тие се направени од обоено „паметно стакло“ кое станува непровидно кога тоалетот е зафатен.

Високотехнолошките тоалети засега можат да се најдат на пет локации во населбата Шибуја како дел од проектот „Токиски тоалети“, а планирано е да се постават на уште 17.

„Постојат две грижи околу јавните тоалети, особено оние поставени во паркови. Првата е дали се чисти, а втората е дали некој чека скриен внатре“, велат од непрофитната фондација „Нипон“, која стои зад проектот.

Тоалетите во живи бои се добро осветлени и проѕирни кога се празни, но благодарение на нова технологија, внатрешните стаклени ѕидови стануваат непровидни кога вратата ќе се заклучи.

„Ноќе, тие ги осветлуваат парковите како убави фенери“, додаваат од „Нипон“.