ОТВОРЕН НОВ ПАРК СО ПЛАТФОРМА ЗА НАБЉУДУВАЊЕ ДИВИ ЖИВОТНИ ВО СЕВЕРНА КАРОЛИНА

САД, (Дезен)

Во близина на градот Роли, во американската сојузна држава Северна Каролина, е отворен новиот парк „Бич блаф каунти“, дело на локалните архитектонски студија „Ин Ситу“ и „Срфејс 678“.

Паркот се простира на 121 хектар и е осмислен да ја зачува природната средина, а истовремено да биде простор за рекреација.

Меѓу највпечатливите содржини се подигнатата шумска патека низ крошните, поставена на 7,6 метри височина како и платформа за набљудување диви животни. Во паркот има едукативен центар, пикник-павилјони, игралишта, градини и површини за едукативно земјоделство.

Во паркот има едукативен центар, пикник-павилјони и игралиште (Фото: Дезен)

За изградбата се користени дрво и бетон, а дел од старите фармерски објекти биле повторно искористени за ентериер и огради. Проектот вклучува и енергетски ефикасни решенија, како геотермално греење и ладење, соларна ориентација и рефлектирачки покриви.

Поголем дел од земјиштето претходно било обработливо земјоделско подрачје кое подоцна ѝ било донирано на локалната власт. Архитектите велат дека целта била посетителите да ја почувствуваат природната убавина на регионот Пидмонт, познат по зелените ридови и шумските предели.