Битолчани преку фотообјективите ја доловија љубовта во времето на коронавирусот. Ангела Митковска улови момент на љубов и музика на Широк Сокак и ја освои првата награда на осмата фотоизложбата „Со љубов за Битола”, во организација на Центарот за европски развој и интеграција (ЦЕРИ).
„Фотографијата е направена сосема случајно. На неа има љубов во време на корона, зашто има свирач од една страна, а од другата се маж и жена кои се држат за рака и носат маски”, вели Митковска.
Втората награда ја доби Александар Буневски за фотографијата на која во преден план е вљубена двојка, а во позадина кометата Неовајс, симбол на ова специфично лето.
„Оваа манифестација е простор за овие млади луѓе да имаат каде да ги претстават своите фотографии. Ова е можност за секого кој можеби не е професионален фотограф, а ја сака фотографијата да се изрази себеси”, рече Диоген Хаџи-Коста Милевски, претседателот на ЦЕРИ.
На конкурсот пристигнаа сто фотографии, а стручното жири селектираше 25 од 23 автори.
Ж. ЗДРАВКОВСКА