ПРВИОТ ДЕЛ ОД МЕМОАРИТЕ НА БАРАК ОБАМА ИЗЛЕГУВА НА 17 НОЕМВРИ

Њујорк, (АП)

По мемоарите на Мишел Обама, кои станаа светски бестселер, доаѓаат и оние на нејзиниот сопруг.

Првиот дел од мемоарите на бившиот претседател Барак Обама ќе излезе на 17 ноември, две недели по изборите во САД. Книгата „Ветена земја“ ќе ги покрие историскиот подем на Обама кон Белата куќа и неговиот прв претседателски мандат. Засега не е познато кога ќе биде објавена втората книга.

„Ги поминав последните неколку години навраќајќи се на моето претседателство. Во ‘Ветена земја‘ се обидов да дадам искрен пресек на мојата претседателска кампања и на моето време во Белата куќа, што ги вклучува клучните настани и луѓе кои го обликуваа, мој поглед што направив добро, а што погрешно, како и политичките, економските и културните сили со кои јас и мојот тим се соочивме тогаш и со кои сѐ уште се бориме како нација“, изјави Обама.

Книгата ќе има 768 страници и се исчекува со огромен интерес не само поради содржината, туку и поради квалитетот на пишувањето, бидејќи Обама многумина го опишуваат како најписмен американски претседател од Абрахам Линколн. Првиот тираж ќе има три милиони примероци.