СЛОВЕНИЈА СЕ ПРОМОВИРАШЕ ВО ВЕЛЕСИЛА ВО ВЕЛОСИПЕДИЗМОТ СО ДВОЈНАТА ПОБЕДА НА ТУР ДЕ ФРАНС

Париз, (Гардијан)

Додека многумина го истакнуваа Примож Роглич како фаворит на годинашниот Тур де Франс, еден друг Словенец му ја украде прво жолтата маичка на претпоследната етапа, а потоа и славата.

Ден пред да наполни 22 години, Тадеј Погачар стана најмладиот победик на најпрестижната велосипедска трка на светот во последните 116 години, на која во исто време беше дебитант.

Погачар почнал да тренира велосипедизам на деветгодишна возраст и веќе во 2008 настапил на првата трка. Тој стана член на тимот УАЕ Емирејтс во 2018 година и набргу потоа премина во професионалци, завршувајќи на третото место на Вуелта лани, на своето деби на трките од Гранд тур.

За разлика од Погачар, Роглич релативно касно почнал да се натпреварува, на 22 години и коментаторите често го ословуваат како поранешен ски-скокач, кариера што ја прекина на 17-годишна возраст по една тешка повреда. Само четири години откако се префрли на нов спорт, тој во 2016 стана првиот Словенец кој освоил етапа на трките од Гранд тур, што се случи на Џиро д‘Италија.

Словенија, сепак, не е од вчера на светската мапа на велосипедизмот. Таа е домаќин на две големи меѓународни трки, Трка низ Словенија и Голема награда на Крањ и има два развојни тима: Љубљана, од каде што произлезе Погачар и Адрија мобил, кој е бивш тим на Роглич. Пред нивните успеси, Андреј Хауптман освои бронза на светско првенство, а Јанез Брајович возеше како тимски колега на Ленс Армстронг.