Актерката Шенен Доерти вели дека се обидува да ужива во мали работи во животот додека се бори со четвртата фаза на рак на дојка.
Во февруари годинава, ѕвездата на серијата „Беверли Хилс 90210“ објави дека ракот ѝ се вратил и дека метастазирал и во новото интервју за списанието „Ел“ вели дека очекува да се лекува до крајот на животот. Болеста во меѓувреме ѝ се проширила на ‘рбетот и таа очекува овој процес да продолжи.
„Се обидувам да уживам во мали работи, што многу луѓе не ги гледаат или ги земаат здраво за готово. Малите работи ме воодушевуваат“, изјави 49-годишната Доерти.
Таа признава дека ја гледа иднината без себеси во неа и дека размислува да почне да пишува проштални писма и да снима проштални видеа за најблиските.
„Ова не значи дека се откажувам, иако можеби така изгледа. Се чувствувам како да имам уште 10-15 години живот пред мене“.
Доерти, на која болеста првпат ѝ била дијагностицирана во 2015, моментално прима хормонска терапија и уште еден наменски лек.