ЖЕРНОВСКИ СВЕДОЧЕШЕ ЗА НАРАЧАНИТЕ ШАМАРИ, МИНИСТЕРОТ ЗА ПРАВДА ОБВИНИ ЗА РАЧНО ДЕЛЕЊЕ НА СУДСКИ ПРЕДМЕТИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Бившиот градоначалник на Центар, Андреј Жерновски, денеска сведочеше на рочиштето за предметот на СЈО, Насилство во Општина Центар, а два часа претходно беше одложено рочиштето од судењето на Драган Павловиќ-Латас, обвинет за даночно затајување во предметот на СЈО, Тотал. Попладнето, министерот за правда Билен Саљији го презентираше Извештајот на работната група, која што утврдила дека во Основниот суд Скопје 1 и во Врховниот суд предмети се делеле рачно, место со Системот за автоматска распределба на судски предмети (АКМИС).

  • Жерновски зборуваше за настаните од 7 и 10 јуни 2013 година, кога советниците дискутираа за деталните урбанистички планови, а не, како што вели, за уривањето на црквата во центар, што тогаш предизвика масовни, жестоки и насилни протести пред општината.
  • Тој ја опиша ситуацијата во тие два дена како критична, бидејќи демонстрантите ја скршија оградата и влегоа во дворот, додавајќи дека тој и останатите советници се почувствувале загрозено и небезбедно.
  • Жерновски одговараше само на прашањата на обвинителството, а потоа рочиштето беше прекинато поради обврски на еден од адвокатите.
  • Судењето на Латас беше одложено, откако и тој, како и Никола Груевски, побара камери во судницата. На него му се суди во судница што нема услови за снимање, па судијата сега мора да најде термин во судница 1.
  • Министерот за правда, Билен Саљији, денеска откри дека судските предмети во Основниот суд Скопје 1 и во Врховниот суд се делеле рачно, а не преку системот за автоматска распределба (АКМИС). Според Саљији, за ова постои писмена одлука од претседателот на Врховниот суд, Јово Вангеловски.
  • Вангеловски кажа дека в понеделник ќе одговори на обвинувањата од Саљији.