СО СТРИП ЌЕ ГИ ОТТРГНЕМЕ ДЕЦАТА ОД ИГРИЦИ, ВЕЛАТ ОД „БУНКЕР“

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

„Сакаме да ја развиеме навиката за читање кај децата и младите и барем за момент да ги оттргнеме од игрици и таблет компјутери“, вели Владимир Битољану од стрип-книжарницата „Бункер“, коja деновиве го издадe графичкиот роман „Олимпискиот сон“ од Рајнхард Клајст.

Клајст е еден од најистакнатите германски стрип-автори од поновата генерација, со поголем број графички романи, издадени од најреномираните издавачки куќи во Германија. Преводот на македонски и албански јазик е прво објавување на овој графички роман во регионот.

Битољану вели дека со оглед на тоа дека ова им е првенче во издавачките води, очекувале дека работата може некаде да запне.

Од „Бункер“ велат оти се задоволни од големиот интерес за романот за животната приказна на спринтерката од Сомалија, Самија Јусуф Омар. – Од промоцијата на романот (Фото: „Бункер“)

„На наше изненадување, наидовме на многу љубезни луѓе, спремни за соработка и помош, што не е секогаш случај во издавачките води, во што имавме прилика да се увериме подоцна во преговорите со други издавачи. Се работи за една од најреномираните издавачки куќи во Германија, со преку 60-годишна традиција “, вели тој.

Романот во продавницата првите два месеца ќе се продава по промотивна цена од 390 денари, а потоа ќе чини 550 денари.

„Олимпискиот сон“, напишан во 2015, ја раскажува животната приказна на спринтерката од Сомалија Самија Јусуф Омар, од заканите од екстремните исламисти во нејзината земја, преку учеството на Олимписките игри 2008 во Пекинг, до трагичната смрт, на брод преполн со мигранти, пред брегот на Малта, следејќи го својот сон – учество на Олимписките игри во Лондон во 2012.

„Се надевам дека оваа книга праведно ќе ја отслика Самија и дека нејзината приказна ќе ја подигне нашата свест за фактот дека зад вестите за бегалската криза стојат човечки судбини“, вели Клајст во предговорот на романот.

„Олимпискиот сон“ досега е преведен на англиски, француски, арапски, кинески, словенечки и на чешки јазик.

„Бункер„ се задоволни од досегашниот интерес за книгата и додава оти сакаат да ја зголемат понудата на стрипови на домашен јазик во Македонија и да го прошират интересирањето за стрипови и кај група луѓе кои во моментот немаат многу допирни точки со стриповите, а сакаат да прочитаат добра книга, да погледаат добар филм или да видат убава слика.

„Сакаме да го разбиеме стереотипот за стриповите како евтино средство за разонода“, вели Битољану.

Тој додава дека се во преговори за неколку нови изданија, врвни дела од деветтата уметност, но насловите ги најавува како изненадување.

Б. НЕСТОРОСКА