Скопскиот џез фестивал оваа година ќе мора да ја ограничи својата публика, но концертите првпат досега ќе може во живо да се следат на интернет и телевизија.
За да обезбедат поголема достапност во овие вонредни глобални околности, организаторите објавија дека сите концерти бесплатно ќе бидат стримувани онлајн и истовремено ќе се пренесуваат на Македонската радио-телевизија.
Годинашниот фестивал ќе трае од 14 до 17 октомври, дел од концертите ќе се одржуваат во Националната опера и балет, која ќе може да прими само 220 посетители во една вечер, а некои ексклузивно ќе се пренесуваат од Њујорк и Осло.
Покрај домашните џез имиња, кои ќе бидат во најголем број досега, во Скопје ќе пристигнат и гости од Шпанија, Австрија, Куба, Франција и Хрватска.