ПЕДИ КОНСИДAJН ЌЕ ЈА ИГРА ГЛАВНАТА УЛОГА ВО ПРИКВЕЛОТ НА „ИГРА НА ТРОНОВИ“

Лондон, (Скај)

Педи Консидајн ќе го глуми кралот Висерис Таргарјен, главниот лик во новата серија која временски ќе се случува пред „Игра на тронови“, објави Ејч-Би-О.

Наградуваниот англиски актер ќе го игра „чесниот и добар Висерис“, кој е избран од лордовите на Вестерос да го наследи Стариот Крал, Џехерис Таргарјен и да го продолжи владеењето на својот дедо.

Дејството во „Куќата на змејот“ се случува 300 години пред настаните во една од најнаградуваните серии на сите времиња. Фокусот во приквелот е на семејството Таргарјен и ќе има 10 епизоди. Еден од потомците Денерис Таргарјен беше меѓу главните ликови во „Игра на тронови“.

„Куќата на змејот“ е базирана на книгата „Оган и крв“ на Џорџ Р. Р. Мартин. Ејч-Би-О сѐ уште нема објавено кога ќе се емитува, но медиумите во САД шпекулираат дека ќе биде во 2022.