Фанови и музичари му оддаваат почит на Еди ван Хален, гитарскиот виртуоз и основач на групата „Ван Хален“, кој почина вчера на 65 години по долга борба со рак на грлото.
Басистот на „Кис“, Џин Симонс, го нарече Ван Хален „бог на гитарата“, додека други го опишуваат како „модерниот Моцарт“.
Со своите препознатливи соло делници, Еди ван Хален помогна неговата хеви метал група да ја тргне диско музиката од топ листите на крајот на 1970-ите, кога го издаде првиот во серијата албуми со класичната постава, во која беа и неговиот брат Алекс на тапани, басистот Мајкл Ентони и пејачот Дејвид Ли Рот.
Син на емигранти од Холандија, Еди ван Хален беше класично обучен пијанист кој можеше да свири кој било инструмент, но ќе остане најзапаметен по своето иновативно и експлозивно свирење на гитарата и тој денес високо котира на сите листи на најдобрите гитаристи на сите времиња.
Вистинскиот комерцијален успех на групата дојде со шестиот албум „1984“, од кој произлегоа и Ем-Ти-Ви хитовите „Jump“ и „Hot For Teachers“, но и доведе до разделба со фронтменот Ли Рот.
„Еди ја врати насмевката во рок гитарата. Тој исто така уплаши милиони гитаристи низ цел свет затоа што беше толку многу добар. И оригинален“, изјави Џо Сатријани, уште еден гитарски виртуоз.
Ван Хален го позајми својот талент и во еден од најуспешните поп синглови од 1980-ите, „Beat It“ на Мајкл Џексон: неговото гитарско соло трае 20 секунди, а му требале само половина час да го сними. Тој подоцна откри дека не барал никаква компензација за тоа.
„Никогаш всушност не сум сакал да свирам гитара. Но, мојот брат беше толку добар тапанар, што на крај му реков: ‘Ајде, земи ги моите тапани, јас ќе бидам гитарист‘“, изјави Ван Хален во 2015.
Еди ван Хален и групата беа примени во Рокенрол халата на славните во 2007.