БЕРЛИН ЦЕЛОСНО ГО ЗАТВОРА НОЌНИОТ ЖИВОТ ПРВПАТ ВО ПОСЛЕДНИТЕ 70 ГОДИНИ ПОРАДИ КРИЗАТА СО КОРОНАВИРУСОТ

Берлин, (Гардијан)

Берлинскиот ноќен живот се соочува со целосно затворање за првпат во последните 70 години, додека градот се обидува да се справи со ширењето на коронавирусот.

Од сабота, баровите, рестораните и продавниците за алкохол ќе мора да бидат затворени од 23 до шест часот, а забранети ќе бидат и приватните собири со повеќе од десет луѓе, како и јавните собири со повеќе од пет луѓе од две различни домаќинства. Здравствените власти сметаат дека приватните забави и семејните собири имаат најголем удел во последното ширење на коронавирусот.

Од почетокот на овој месец, Берлин бележи поголема бројка нови случаи на зараза отколку на врвот на првиот бран на крајот на март. Во изминатите седум дена, стапката на заразата е 44 нови случаи на 100.000 жители, а во деловите од градот познати по ноќниот живот е уште повисока, 50 на 100.000.

И додека ноќните клубови цело време останаа затворени, на баровите им беше дозволено повторно да отворат во јуни. Сопствениците на некои локали сметаат дека затворањето, прво од 1949 година, ќе биде контрапродуктивно, бидејќи луѓето ќе прават забави во домашни услови, каде што уште потешко се контролираат.