СКАРЛЕТ ЈОХАНСОН СЕ ВЕНЧАШЕ СО КОМИЧАРОТ КОЛИН ЏОСТ НА ИНТИМНА ЦЕРЕМОНИЈА

Лос Анџелес, (АП)

Скарлет Јохансон се омажи за својот свршеник Колин Џост на скромна, интимна церемонија. Веста ја објави хуманитарната организација за грижа на стари лица „Милс он вилс“, чија работа ја поддржуваат Јохансон и Џост.

„Церемонијата се одржа викендов и беше интимна, со присуство на најблиските роднини и сакани луѓе, при што се почитуваа сите мерки за заштита од ковид-19. Нивната свадбена желба беше да им се помогне на ранливите стари лица во ова тешко време“, соопшти „Милс он вилс“.

Претставник на Јохансон исто така ја потврди веста.

Јохансон ја почна врската со сценаристот и комичар на „Сабота вечер во живо“ во 2017 година, откако гостуваше во ова шоу. Во мај 2019, тие објавија дека се свршиле.

Една од најплатените актерки на светот претходно беше во брак со актерот Рајан Рејнолдс и новинарот Ромен Доријак, со кого има шестгодишна ќерка.