МИРНИОТ ХОЛАНДСКИ ГРАД ЛЕУВАРДЕН ЌЕ БИДЕ ЕВРОПСКИ ЦЕНТАР НА КУЛТУРАТА ЗА 2018

Леуварден, (ДПА)

Амстердам секоја година го посетуваат милиони туристи, но Европската Унија на еден друг, далеку помирен холандски град му ја додели престижната титула Европски центар на културата за 2018 година.

Леуварден има нешто повеќе од 100.000 жители и е главен град на северозападната провинција Фризланд.

„Ние се разликуваме од луѓето од поголемите холандски градови. Овдека нема стрес, животот се одвива по еден мирен тек“, вели 32-годишната Бабете Билефелд.

Кога во 16. век станал административен центар на Фризланд, градот сакал да ја потенцира својата важност, па почнал да гради една од најголемите цркви во Холандија, со кула висока 100 метри.

„Ништо не излегло од тоа. Стигнале до височина од 40 метри и тука запреле градежните работи. Архитектот заклучил дека земјиштето не е погодно за изградба на така висока кула“, појасни градскиот водич Кристина Фулкер.

Петсто години подоцна, кулата Олдехофе сѐ уште е симбол на градот и ќе ги привлекува сите оние кои наредната година ќе сакаат да го посетат европскиот град на културата.

Клаудија Вулгар, уметничкиот директор на кампањата „Леуварден 2018“, вели дека во градот ќе се одржат 60 големи културни настани. Таа работи на проектите од 2015 година, а манифестацијата и официјално ќе биде отворена на 26 јануари.

Како град под нивото на морето, водата, несомнено, ќе има важна улога во програмата. Тоа вклучува 11 фонтани направени од уметници од целиот свет, кои ќе бидат поставени во 11 фризландски градови, долж 200 километри долгата историска природна патека за лизгање, Елфстедентохт.

„Фонтаните ќе создадат нова врска меѓу градовите“, вели новинарката Ана Тилру.