ЛАС ВЕГАС И СТРУГА ВО ПРИЛЕПСКИ ФРИЗУРИ

Прилеп, (СМАРТ СДК.МК)

Статуата на слободата од Њујорк, коцкарниците и игрите на среќа од Лас Вегас, типична македонска куќа, кајче, стомна, Струшките вечерни на поезијата, беа претставени преку фризури на оригиналниот забавен фестивал „Прилеп специјално шоу“. Фестивалот се одржа во ноќниот клуб „Вип“, под мотото „Сѐ околу светот “, во организација на секцијата на фризери, бербери и козметичари од Прилеп, а учествуваа околу двесте фризери и други стилисти од цела Македонија. Поделени во 12 групи, секоја група ја претстави својата креативност, и преку фризурите доловија некоја светска метропола или својот роден град.

„Го претставивме Њујорк, а доаѓаме од Кичево. Идејата ни беше сѐ за Њујорк. Сѐ во стилот на американската мода. Ја претставивме и Статуата на слободата. Во Америка на цена е слободниот тренд, односно сѐ што е модерно во 21 век се носи таму“, велат Елена Николаевска и Лилјана Талевска од Кичево.

Фризури Лас Вегас и Струшка куќа (Фото: СДК.МК)

За велешанки инспирација беше Лас Вегас, па во уникатните креации прицврстија зарови и карти на косите. Стружани се одлучија преку фризурите да ја доловат убавината на нивниот град. Тие успеаја да ја претстават струшката архитектура, правејќи од долга коса типична струшка куќа, кајче, па дури и стомна.

„Ние сме едни од ретките, што го претставуваме нашето поднебје секаде во светот. Затоа решивме да ги поместиме границите, да направиме револуција во овој еснаф. На големо задоволство, оваа иницијатива беше прифатена кај нашите колеги од Македонија. Концептот е сите заедно да се сплотиме во Прилеп“, рече Крешимир Здравески од секцијата на бербери, фризери и козметичари.

Фризура Стомна (Фото: СДК.МК)

Покрај урнебесните и уникатни фризури, на шоуто можеа да се слушнат и различни анегдоти кои во текот на работата го доживеале фризерите од земјава. Фризерот Стречко од Гостивар ни раскажа дека неговите фризерски услуги ги ползувале жени кои оделе и на свадба и во затвор. Тој раскажа дека една муштерика дошла кај него да ѝ ја среди косата за во затвор, а друга пак, како невеста откако ѝ направил фризура, сама го ставила велот и сватовите ја зеле со музика од фризерскиот салон.

Неколку од поинтересните фризури на тема светски и македонски градови (Фото: СДК.МК)

Во шоуто учествуваа и ученици од средното општинско училиште „Ѓорче Петров“ каде се школуваат козметичари и фризери, кои се иднината на овој занает.

„За жал, веќе се соочуваме со проблем за млади кадри. Затоа решивме да почнеме со вакви настани, за да им покажеме на младите колку далеку може да се отиде, не само во финансиската егзистенција, туку можни се патувања, работа на сцени, на разни прокети, доста креативно. Ова се занаети кои се примапливи за една млада личност“, велат организаторите.

Ж. ЗДРАВКОВСКА