СЕЛО ВО ИСТОЧНА ГЕРМАНИЈА ПРОДАДЕНО НА АУКЦИЈА ЗА 140.000 ЕВРА

Берлин, (ДПА)

Единствениот наддавач понудил 140.000 евра на необична аукција и си заминал како сопственик на цело село.

Тој купил мало парче од германската историја, селото Алвине, чии напуштени куќи и старата популација ја отсликуваат судбината на слични работнички предели во некогашата Источна Германија.

Анонимниот купувач, кој наддавал преку телефон, го доби во сопственост целиот имот на селото, кое сега има едвај 20 жители, надминувајќи ја почетната цена од 125.000 евра.

Во 2000 година, ова мало село им беше продадено на приватни инвеститори за симболична цена од една германска марка. Сепак, двајцата браќа не успеале да го спасат од натамошно пропаѓање.

Денес, само околу 20 жители, главно, пензионери, живеат во трошните куќи во селото, што се наоѓа во руралната држава Бранденбург, 120 километри јужно од Берлин.

До обединувањето на Германија во 1990 година, Алвине беше во сопственост на локалната фабрика за брикети, најстара во цела Европа. Откако таа се затвори во 1991 година, повеќето жители си заминале во потрага по нова работа.

Алвине не е единствената ваква заедница во некогашната Источна Германија, која никогаш не го достигна степенот на развој на западниот дел. Според еден владин извештај, од 1990 до 2015 година, бројот на жители во регионот се намалил за 15%.