ШОН КОНЕРИ ЗАВЕДЕ МНОГУ ЖЕНИ КАКО ЏЕЈМС БОНД, НО ВО ПРИВАТНИОТ ЖИВОТ 45 ГОДИНИ ПОМИНА ВО БРАК СО ФРАНЦУСКА СЛИКАРКА

Лондон, (Сан)

Шон Конери заведе многу убавици како Џејмс Бонд, но во приватниот живот, повеќе од четири децении ѝ беше верен на една жена.

Мароканско-француската сликарка Мишелин Рокебрун го опиша својот сопруг Шон Конери како „прекрасен модел на човек“ откако тој вчера почина на 90 години на Бахами, каде што живееја по неговото повлекување од Холивуд. Рокебрун откри дека Конери последниве месеци се борел со деменција.

„Тој беше прекрасен и имавме преубав живот заедно. Тој беше модел на човек. Ќе биде тешко без него, но знам дека не можеше да трае вечно. Последниве месеци беа тешки за него. Неговата последна желба беше да си замине мирно и така и беше. Тој почина во сон“, изјави 91-годишната Рокебрун.

Рокебрун изјави дека имала преубав живот со Конери (Фото: АП)

Конери и Рокебрун се венчаа во 1975, откако се запознаа пет години порано на еден голф турнир. Во тоа време, Конери веќе бил разделен од својата прва сопруга Дајен Силенто.

„Во почетокот ни беше тешко да се гледаме, зашто таа сѐ уште живееше во Северна Африка со своите деца“, изјави своевремено Конери, додавајќи дека во прв период тешко се разбирале зашто таа се мачела со англискиот, а тој со францускиот.

Двајцата немаа деца заедно, а од 1990-ите почнаа да живеат на Бахами.

„Мишелин е неверојатна жена, таа е љубовта на мојот живот“, кажа Конери.