ОСВЕН ЏО И ЏИЛ БАЈДЕН, ВО БЕЛАТА КУЌА ВЛЕГУВААТ И ЧЕМП И МЕЈЏОР

Вашингтон, (Би-Би-Си)

Изборот на Џо Бајден за претседател значи и враќање на традицијата во Белата куќа да има домашни миленици.

Доналд Трамп беше првиот претседател во последните 100 години кој немал куче, но со Џо и Џил Бајден во Белата куќа доаѓаат и германските овчари Чемп и Мејџор. Твитер страница со нивно име има десетици илјади фанови.

Идната прва дама на САД со своите два германски овчара (Фото: Инстаграм)

Бајден го доби Чемп како подарок од сопругата откако стана потпретседател на САД во 2008, а Мејџор бил посвоен пред две години од едно здружение од Делавер.

„Кучињата те потсетуваат дека живееш во сегашноста. Тие сакаат безусловно и го искусуваат секој момент заедно со вас. Кога сум со Чемп и Мејџор, го живеам моментот, уживам во едноставниот чин на фрлање топче или на одење во прошетка“, вели новоизбраниот претседател на САД.

За време на двата мандата на Барак Обама, во Белата куќа живееја и кучињата Бо и Сани.