Ледена пештера која се формира природно на голема надморска височина во швајцарските Алпи стана достапна денеска, на радост на посетителите кои доаѓаат да се воодушевуваат на огромниот син свод на „ледената катедрала“.
Варирајќи во облик и големина секоја година, пештерата има заоблен таван создаден од дебел слој на мраз. Висока е околу пет, а долга 20 метри.
„До местото може да се стигне пешки за 15 минути откако ќе се дојде со жичница од ресортот Ле Дијаблерет, но ова е на ваш ризик. Лани пештерата беше пострмна, а годинава навистина изгледа како катедрала. Многу е убава. Оваа година, внатрешноста е доста рамна, па пристапот е полесен“, вели Бернхард Чанен од локалната туристичка заедница.
Природната пештера се формира според ефектот на сифон. Во пролет и лето, внатрешноста се исполнува со вода како што се топи снегот, при што се формира езеро. Во есен, приливот секнува, а водата се испушта од пештерата, при што замрзнува.