ХАРИСОН ФОРД НА 80 ГОДИНИ ЌЕ ГО СНИМА ПЕТТИОТ И ПОСЛЕДЕН ФИЛМ ЗА ИНДИЈАНА ЏОНС

Лос Анџелес, (Би-Би-Си)

„Дизни“ го потврди снимањето на петтиот филм за Индијана Џонс, кој, по неколку одложувања, конечно треба да излезе во 2022 година. Во насловната улога повторно ќе биде Харисон Форд, кој тогаш ќе има 80 години. Режисер на петтиот и последен дел ќе биде Џејмс Менголд.

„Дизни“ го објави ова на виртуелна презентација, на која најави и 20 нови серии од универзумот на „Војна на ѕвездите“ и „Марвел“ во наредните години.

Продуцентот Френк Маршал вели дека нема намера да бара нов глумец за легендарната улога на Индијана Џонс.

„Работиме на сценариото. Може да има само еден Индијана Џонс и тоа е Харисон Форд“, кажа Маршал.

Петтиот дел ќе излезе 41 година од почнувањето на франшизата. Претходните филмови ги режираше Стивен Спилберг.