Скопската зоолошка градина за првпат стана дом и на пингвини. Три машки единки вчера пристигнаа во специјални кутии од Италија и од зоолошката велат дека очекуваат уште седум од Русија, кои ќе дојдат во наредниот период.
Станува збор за јужноамерикански Хамболт пингвини, кои можат да живеат и на повисоки температури.
Пингвините веќе запливаа во своето ново живеалиште, за кое од зоолошката велат дека е современо и направено по сите светски стандарди. Се состои од голем отворен и топол, затворен базен.
Пингвините еден период ќе поминат во карантин за да се приспособат на новата средина, пред да бидат пуштени во јавност. Тие веќе добија и имиња – Скипер, Ковалски и Прајват.