ИСТОРИЈАТА НА МАКЕДОНСКИОТ АНИМИРАН ФИЛМ СОБРАНА НА ЕДНА ИНТЕРНЕТ СТРАНИЦА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Друштвото на филмски работници на Македонија (ДФРМ) го најави проектот „Македонски анимиран филм 1971-1991“ во онлајн форма преку лансирање на сајтот macedonian-animation.com. Ова е прв проект кој ја разработува и документира оваа значајна тематика од македонската култура и е поврзан со јубилејот 50 години македонски анимиран филм.

Приказната почнува пред речиси 50 години, со „Ембрио Но. М“ на Петар Глигоровски од 1971. Глигоровски, Дарко Марковиќ, Боро Пејчинов и Делчо Михајлов се генерацијата која ги постави темелите на македонската анимација. Овие автори го достигнуваат својот зенит кон крајот на 1970-ите и во почетокот на 1980-ите, создавајќи филмови кои имаат учествувано и добиено значајни признанија на светски фестивали. Филмовите главно се продуцирани од ‘Вардар филм‘. Потоа се приклучуваат и други автори, како Афродита Марковиќ, Мице Јанкуловски, Славољуб Игњатовиќ и Мирослав Грчев, кои заедно ја збогатуваат македонската кинематографија со повеќе од 30 анимирани филмови.

Проектот вклучува биографии, артефакти од филмовите, рецензии, есеи, оригинални интервјуа и многу други содржини. Освен на сајтот, содржините ќе бидат промовирани и достапни на Фејсбук, Твитер и Инстаграм во текот на целата 2021. Во иднина се планирани изложба, публикација и ревија на анимирани филмови.

Автори на проектот се аниматорот и ликовен уметник Иван Ивановски и филмскиот промотор Слободан Јаќоски.