Славните плажи на Бали се прекриени со тони пластично ѓубре во она што експертите велат дека веќе станува годишен настан како резултат на монсунското време, лошото управување со отпад и глобалната криза на загадувањето на морињата.
Властите се мачат да се справат со плимата од ѓубре кое се насукува на плажите во Кута, Легијан и Семињак, каде што во петокот и саботата биле собрани 90 тони отпад.
„Работиме напорно за да ги одржиме плажите чисти, но ѓубрето продолжува да доаѓа. Нашите персонал и камиони се на терен секој ден“, вели Вајан Пуџа од агенцијата за животна средина на областа Бадунг.
Тој вели дека во петокот биле собрани 30, а во саботата уште 60 тони ѓубре.
„Ова не е ништо ново. Се случува секоја година, но проблемот се влоши во изминатата деценија“, изјави Дениз Хардести, главен истражувачки научник од австралиската научна агенција ЦСИРО.
Плажите на Бали го фаќаат ѓубрето во сезоната на монсунски дождови кога ветровите дуваат од запад кон исток.