ПАРИЗ ЌЕ ЈА ПРЕТВОРИ АВЕНИЈАТА ШАНЗ-ЕЛИЗЕ ВО „ИСКЛУЧИТЕЛНА ГРАДИНА“ СО ПЛАН ВРЕДЕН 250 МИЛИОНИ ЕВРА

Париз, (АФП)

Градоначалничката на Париз, Ан Идалго, одобри 250 милиони евра вреден план за разубавување на авенијата Елисејски полиња (Шанз-Елизе), но тоа, сепак, нема да се спроведе пред Летните олимписки игри во 2024, чиј домаќин ќе биде француската престолнина. Планот што комитетот на Шанз-Елизе го претстави на крајот на 2019 предвидува претворање на 1,9 километри долгата авенија во „исклучителна градина“.

„Легендарната авенија го изгуби својот сјај во изминатите 30 години. Парижаните постепено ја напуштаа и беше погодена од неколку продолжени кризи. Шанз-Елизе често се нарекува најубава авенија на светот, но ние кои работиме тука секој ден не мислиме така, За Французите, таа изгледа истрошено“, изјави претседателот на комитетот, Жан-Ноел Рајнхарт.

Архитектот Филип Кјамбарета, чие студио ги прави плановите за обнова, вели дека пред пандемијата на ковид-19, 100.000 пешаци дневно поминувале преку авенијата, од кои 72% биле туристи. Истовремено, коловозот со осум ленти го користат 3.000 возила на час, што авенијата ја прави еден од најзагадените делови на градот.

Планот вклучува и редизајн на славниот плоштад Конкорд, а целосната трансформација на Шанз-Елизе треба да биде готова до 2030 година.