Стотици фанови на Селин Дион секојдневно се собираат пред хотелот во кој таа престојува во Париз, а некои кампуваат и цела ноќ за да ја видат пејачката пред нејзиното долгоочекувано враќање на концертната сцена.
Дион редовно излегува да ги поздрави фановите, разговара со нив, а во неколку наврати и танцуваше пред насобраната публика. Просторот пред хотелот во одредени моменти наликува на мала улична забава, при што од соседните згради се пуштаат нејзините хитови.
58-годишната канадска пејачка е во Париз, каде што се подготвува за серијата распродадени концерти, што почнуваат на 12 септември. Тоа ќе биде нејзиното големо враќање на концертната сцена откако во 2022 објави дека боледува од синдром на вкочанета личност и ги прекина настапите.
Станува збор за ретко невролошко нарушување кое предизвикува вкочанетост на мускулите и болни грчеви, а може да влијае и врз движењето и секојдневните активности. Дион во изминатите години отворено зборуваше за тешкотиите со кои се соочува поради болеста и за долгата терапија и рехабилитација.
Дион им кажа на фановите дека деновиве речиси и не излегува низ Париз, освен за пробите, бидејќи сака да ја зачува енергијата за концертите.
(Фото: Имаго)